Кандидатот на Демократската партија за претседател на САД, Џо Бајден изјави дека секој Афроамериканец којшто размислува да гласа за актуелниот претседател Доналд Трамп не може „да се смета за црнец“.
Изјавата, која многумина ја оценија како гаф, Бајден ја даде при гостувањето на емисијата „Брекфаст клаб“ на познатиот афроамерикански водител Шарламејн Да Гад.
Ако имате проблем да одлучите дали сте за мене или за Трамп, тогаш не сте црнци – изјави Бајден.
Демократскиот претседателски кандидат подоцна изрази жалење поради несоодветниот коментар.
За време на 18-минутното интервју, 77-годишниот Бајден ја истакна важноста на афроамериканските гласови, особено ако се земе предвид дека тој ја освои партиската победа во државата Јужна Каролина, каде што црните гласачи сочинуваат 60 проценти од телото на демократскиот електорат.
Јас победив во секоја област. Јас освоив најголем удел на црни гласови, дури и повеќе од Барак (Обама) – изјави Бајден, додавајќи дека неколку афроамерикански жени се на неговиот список на можни потпретседатели.