Свет 09. ноември 2020. / 17:57

Бајден најави дека ќе поништи две одлуки на Трамп

Бајден најави дека ќе поништи две одлуки на Трамп

Победникот на претседателските избори во Америка, Џо Бајден, сака брзо да поништи неколку клучни одлуки на Доналд Трамп.

Новоизбраниот претседател Бајден официјално нема да стане претседател до инаугурацијата, што треба да се одржи на 20 јануари следната година, но неговите први потези се веќе познати.

Во својот победнички говор, Бајден најави дека ќе назначи кризна работна група за борба против епидемијата на коронавирус, која ќе се состои од 12 научници. Во победничкиот говор, Бајден ја означи епидемијата како клучен проблем со кој ќе се справи неговата администрација.

Бајден не ја намалува важноста на пандемијата

Таа група експерти и научници веќе започнува да подготвува план кој ќе стапи на сила на денот на инаугурацијата на Бајден.

Бајден зазема сосема спротивен став од неговиот ривал Доналд Трамп, кој ја минимизираше важноста на пандемијата и сам ги кршеше пропишаните хигиенски и заштитни мерки што се на сила насекаде во светот, како што се носење маска и одржување на физичка дистанца.

Враќање на Америка во СЗО и Парискиот договор

Интересно е што Бајден, веднаш штом ја преземе Белата куќа, ќе издаде неколку извршни декрети со кои планира брзо да ги поништи некои од најконтроверзните одлуки на Доналд Трамп.

Светот беше особено шокиран од двете одлуки на Доналд Трамп во последните четири години – онаа за повлекување на Соединетите држави од Парискиот договор, чија цел е да се намалат штетните емисии со цел да се стават под одредена контрола климатските промени и одлуката за повлекување на САД од Светската здравствена организација, која тој ја донесе среде пандемијата на коронавирус.

Би-Би-Си пишува дека Бајден ќе ги поништи двете одлуки веднаш штом ќе ја преземе власта.