Чешкиот премиер Андреј Бабиш е под притисок на јавноста, откако неговиот син, кој боледува од ментална болест, изјавил дека наводно бил киднапиран од својот татко.
Бабиш ги отфрли овие обвинувања и изјави дека неговиот син никогаш не бил киднапиран.
– За жал тој е болен човек. Тоа се лаги и ќе докажам дека е така. – рече Бабиш.
Неговата изјава дојде по состанокот со министерот за внатрешни работи Јан Хамацек, кој побарал одговори од него.
Тој ги отфрлил барањата за оставка и уверувал дека синот од првиот брак е болен од шизофренија, која може да доведе и до халуцинации.
На почетокот на неделава медиумите објавија изјава на синот на Бабиш, каде тој наведува дека соработник на татко му, на сила, минатата година, го однел на Крим. Рекол и дека му се заканил дека татко му ќе го затвори во психијатриска клиника.
Бабиш вели дека синот живее во Швајцарија, дека е ментално болен и сам ја напуштил Чешка. Признал дека синот бил во Украина и на Крим, но не кажал како стигнал таму. Бабиш ги обвинил медиумите дека се „како хиени и повикуваат на линч“.
Бабиш, 64-годишниот милијардер со големо бизнис царство минатата година беше избран за премиер на Чешка.