Свет

Австриски ученици под истрага затоа што глумеле нацисти и Евреи

Австриски ученици под истрага затоа што глумеле нацисти и Евреи

Група австриски ученици од основно училиште се под истрага затоа што си играле и глумеле нацистички СС-офицери и Евреи, откако претходно гледале филм во кој антифашистички социјален експеримент тргнал во лоша насока, изјави портпаролот на обвинителот.

Инцидентот се случил во период кога 14-годишниците учеле за Втората светска војна и национал-социјализмот во нивното училиште во Цурндорф во источна Австрија, изјави адвокатот на децата, Андреас Швајцер, за новинската агенција ДПА.

Учениците ја прочитале книгата The Wave („Бранот“) и го гледале истоимениот филм. Двете се засновани на вистинска приказна за американски професор по историја кој својот клас го навел на фашистичко однесување со цел да го покаже влијанието на национал-социјализмот врз обичните луѓе.

Како и во првиот експеримент, работите излегле од контрола и во случајот со австриските ученици, кој се случил во март и чии детали за првпат беа објавени вчера во весникот „Курир“.

Еден од учениците побарал од другарите да го поздравуваат на начин сличен како и Адолф Хитлер, а некои ученици биле малтретирани, пишува „Курир“.

Пет тинејџери се под истрага за кршење на австрискиот закон кој забранува неонацистички активности, изјави портпаролот на обвинителството од Ајзенштат.