Официјална Виена размилсува да дозволи туристи од Германија и други земји во кои корона вирусот е под контрола да ја посетат Австрија во текот на летото.
Германските туристи учествуваат со повеќе од 30 проценти во посетите за време на летната туристичка сезона во Австрија. Учеството на туризмот во БДП на Австрија е едно од најголемите во ЕУ.
Слободата на патување ќе остане ограничена во наредните месеци. Меѓутоа, доколку земјите се успешни во борбата против корона вирусот, како што е тоа Германија, постои реална шанса за билатерални договори – изјави австриската министерка за туризам, Елизабет Костингер.
Австрискиот премиер Себастијан Курц изјави дека Австријците треба да размислат за тоа летните одмори да ги минат во својата земја за да и помогнат на економијата.
Владата до крајот на април планира да претстави план за постепено отворање на рестораните и туризмот. Од вторник, во Австрија повторно се отворени одредени продавници, но со задолжително носење заштитна маска. Задолжително е да се носат маски и во јавниот превоз, како и во такси возилата.
Според најновите податоци на Универзитетот Џонс Хопкинс во Австрија има потврдени 14.611 лице заразено од корона вирус, а 443 луѓе починале од болеста.