Австрија почна доброволно масовно тестирање на населението за коронавирус, со надеж дека ќе спречи ново, долго и тешко затворање на земјата.
Тестирањето со брзи антигени тестови почна во Виена и во најзападните провинции Ворарлберг и Тирол, неколку дена пред Австрија да започне со олеснување на строгите мерки за затворање, кои се во сила од средината на ноември.
Оние кои ќе бидат позитивни на тестот во рок од 24 часа, ќе бидат тестирани со PCR тестови, а нивните контакти ќе мора да бидат ставени во карантин, доколку резултатите се потврдат.
Волонтерите кои сакаат да бидат тестирани аплицираат преку веб-страница отворена за таа цел.
Тестирањето се спроведува под надзор на австриската армија, која постави 170 линии за тестирање во Конгресниот центар во Виена.
Италијанската провинција Јужен Тирол, која се граничи со Австрија, веќе спроведе масовни тестови, по примерот на Словачка, која успеа да го забави ширењето на вирусот и да избегне втора блокада на земјата, тестирајќи речиси две третини од вкупната популација минатиот месец.