Свет 16. август 2018. / 15:43

Австралија: Уште е зима, а беснеат 85 пожари – изгореле 3 куќи и 20 згради, горат илјадници хектари (ВИДЕО)

Австралија: Уште е зима, а беснеат 85 пожари –  изгореле 3 куќи и 20 згради, горат илјадници хектари (ВИДЕО)

Најмалку три куќи и повеќе од 20 помошни објекти, како што се хангари, изгореле во областите обраснати со ниски растенија во Нов Јужен Велс.

Државната пожарна служба соопштила дека повеќе од 800 пожарникари од вчера се борат со 85 пожари во различни подрачја на Нов Јужен Велс. Најмалку 30 од тие пожари уште не се под контрола.

Пожарот во близина на местото Бембока се проширил на повеќе од 3.000 хектари, велат пожарникарите и додаваат дека четворица нивни колеги се повредени бидејќи возилото им се превртело додека се бореле против огнената стихија.

Пожарите во австралискиот буш, како на тој континент популарно ги нарекуваат слабо населените области обраснати со густи растенија, се ретка појава во зима. Меѓутоа, службеникот на пожарната служба, Бен Шепард, вели дека нема показатели дека ситуацијата брзо ќе се смири.

“Можеме да очекуваме дека работите многу полека ќе се смируваат со уште 85 пожари кои горат ширум државата и со ветровите кои се засилуваат”, вели тој и потсетува дека во Нов Јужен Велс сега е суша, која помага во ширењето на пожарот.

“Не се сеќавам некогаш да сум доживеал вака бројни и раширени пожари. Ако не падне дожд, изгледа дека ова ќе биде најдолга противпожарна сезона”, додава Шепард.