Свет 10. септември 2018. / 15:15

Австралија: Пронајдено злато вредно 15 милиони долари

Австралија: Пронајдено злато вредно 15 милиони долари

Во оддалечена област во западниот дел на Австралија, околу 630 километри од Перт, рударите пронајдoa злато во вредност од 15 милиони американски долари. Златото го бараа четири дена, а најголемиот примерок беше пронајден на карпа тешка 90 килограми.

Рударот Хенри Дол рече дека речиси се онесвестил кога го пронашле златото, а геологот Заф Томас ова го нарече „нешто што се случува само еднаш во животот”. Златото е пронајдено на длабочина од околу 500 метри под земјата.

Сопственик на рудникот е канадската компанија РНЦ која поради ниските цени на никелот почна да го продава рудникот пред неколку месеци, а во последните три години затвори четири големи рудници.

Претседателот на РНЦ, Марк Селби рече дека поголемите парчиња злато ќе одат на аукција, а продажбата на рудникот продолжува, бидејќи на тој начин тие сакаат да соберат доволно капитал за истражувачко дупчење, пишува „Вест Австралијан“.

Во меѓувреме, околу рудникот е засилена безбедноста, а беа поставени камери за набљудување и жичена ограда. Исто така, вооружени чувари го надгледуваат преносот на големите златни грутки во трезор, од кои некои парчиња се тешки околу 60 килограми.