Официјални лица од Нов Зеланд и од Австралија, каде што епидемијата на корона вирусот почна да се намалува, предупредија дека сè уште е рано да се почне со ублажување на мерките за физичко дистанцирање или почнување на зголемена економска активност.
Во Нов Зеланд постои забрана за движење, додека Австралија строго ограничи многу активности. На Нов Зеланд се регистрирани пет смртни случаи, со околу илјада заразени, додека бројот на нови случаи во Австралија денеска се зголеми за 33, што е најниска бројка за еден месец. Во оваа земја се заразени вкупно 6.322 луѓе, а досега починале 61.
Сепак, австралискиот министер за здравство Грег Хант изјави дека е рано да се олеснат ограничувањата и покрај тоа што кривата на епидемијата е зарамнета.
Сега е време да го задржиме тој курс, да продолжиме со самоизолација и физичката дистанца. Ова е навистина намалување на стапката на раст на нови случаи – изјави Хант во телевизиско интервју.
Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Аредерн, пак, соопшти дека одлуката за евентуално продолжување на забраната за движење и вонредна состојба ќе биде донесена на 20 април.
Бројот на случаи во нашата земја е мал, но тоа не значи дека успеавме целосно да го победиме овој вирус – порача Аредерн.