Фармацевската компанија Астра Зенека ќе достави 9 милиони дополнителни дози на вакцини во Европската унија во првиот квартал од годинава, објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
По тензичната седмица во која фармацевтската компанија се најде на удар на критиките дека не успеала да ги достави ветените дози на вакцини за блокот и покрај тоа што добила финансиска помош од ЕУ, работите се нормализираат.
-Чекор напред за вакцините. Астра Зенека ќе испорача 9 милиони дополнителни дози во првиот квартал (вкупно 40 милиони) споредбено со минатонеделната понуда и ќе започне со испораки една недела порано од предвиденото. Компанијата исто така ќе ги прошири своите капацитети за производство во Европа, напиша Фон дер Лајен на Твитер.
Претходно оваа недела, Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри вакцината на Астра Зенека против Ковид-19 во услови на тензии помеѓу блокот и компанијата во врска со неуспехот да ги испорача сите дози што првично беа договорени.