Џулијан Асанж, најверојатно, следнве недели ќе ја напушти еквадорската амбасада во Лондон поради медицински причини, објави денеска порталот „Блумберг“.
Основачот на „Викиликс“ со години страда од хронична болест на белите дробови, а неговата општата состојба неодамна се влошила, поради што мора да замине во болница, информира „Блумберг“, повикувајќи се на неименувани извори.
После тоа, неговите можности во однос на наоѓање засолниште ќе бидат ограничени, додава истиот портал.
Претседателот на Еквадор, Ленин Морено, кон крајот од минатиот месец изјави дека сака да ја реши ситуацијата околу Асанж без проблеми за неговата земја, додавајќи дека во тек се консултации со британските власти и претставници на „Викиликс“.
Еквадорскиот министер за надворешни работи, Хозе Валенсија, рече дека Асанж не може да остане во еквадорската амбасада засекогаш. Асанж е австралиски државјанин, е во амбасадата на Еквадор престојува од 2012 година, кога беше обвинет за сексуално малтретирање во Шведска. Во амбасадата, тој не смее да биде уапсен бидејќи формално се наоѓа на територија на Еквадор, а Шведска во меѓувреме го повлече обвинението.
Доколку ја напушти зградата, се верува дека Асанж ќе биде екстрадиран во САД, каде што треба да биде сослушуван во врска со активностите на „Викиликс“.