Европската Унија од ден на ден е се поблиску до финализирање на идејата за формирање единствена европска армија што ќе ги заштити државите од Стариот Континент, од безбедносните закани какви што се сајбер-нападите, мигрантската криза, тероризмот и ефектите од граѓанските војни околу европските копнени и поморските граници.
Судејќи по динамиката на изјавите на високите функционери во ЕУ, нејзината реализација како да станува се поизвесна, а американскиот магазин „Политико“ во својата последна анализа информира, дека Унијата планира до 2030 година нејзината војска да стане реалност.
Во анализата пишува дека најголемата европска политичка група во Европскиот парламент со централно-десна ориентација, која има 219 пратеници и која меѓу другото има тенденција да го зголеми својот број на пратеници во пресрет на изборите на Унијата за 2019 година, има изборна кампања во која се планира крајниот рок за формирање на армијата во 2030 година.
Според магазинот, централно-десната пратеничка група во својот план за оваа намера пишува дека, за да се загарантира безбедноста на Европа, потребно е уште 10.000 војници да се распределат на границите на Унијата, да се изградат физички метални огради каде што е потребно по должината на границите и тие да се опремат со најмодерни оружја и воени дронови.
– Безбедноста на ЕУ треба да започне да се гарантира првенствено за две години со операции на сајбер-заштитата, со кои најмногу ќе се спречат војната на информации, сајбер-нападите и тероризмот – се вели во анализата.