Свет 23. септември 2019. / 10:25

Арапите за прв пат поддржаа кандидат за премиер на Израел

Арапите за прв пат поддржаа кандидат за премиер на Израел

Арапските партии во Израел за прв пат после четвртина век поддржаа кандидат за премиер на Израел, во овој случај станува збор за Бени Ганц, во надеж дека ќе го прекинат долгогодишното владеење на Нетанјаху.

И двете партии на Нетанјаху и Ганц немаат мнозинство во парламентот, па така им е потребна поддршка од помалите партии за мнозинство и формирање на влада.

После вторите избори во Израел оваа година, партијата на Бени Ганц освои 33 од 120 места во парламентот, додека пак партијата „Ликуд“ на Бенјамин Нетанјаху освои 31 место.

Претседателот Ривлин ги започна синоќа консултациите за да го разреши спорот. Иако не откри премногу детали, тој изјави: „Сигурен сум дека треба да се формира стабилна влада со двете големи партии (на Нетанјаху и Ганц). Таква е волјата на народот“, изјави израелскиот претседател.

Сепак, додека многумина се прашуваат кој во едно такво сценарио би ја водел државата, дали тоа ќе биде Нетанјаху или Ганц, од „Заедничката листа“ на израелските Арапи кои се трета политичка сила со 13 пратеници, ја изненадија јавноста со поддршката на Ганц.

Во времето на Нетанјаху бевме нелегитимни во израелската политика. Затоа сакаме да го спречиме Нетанјаху да биде премиер. Затоа овој пат му ја даваме поддршката на Ганц за формирање на влада“, соопштија израелските Арапи кои за прв пат од 1992-ра година поддржуваат израелски кандидат за премиер. Денес пишуваме историја – ќе сториме сѐ за да го срушиме Нетанјаху“, изјави Ахмад Тиби, прв човек на „Заедничката листа“.

Поддршката на Арапите засега не му овозможува на Ганц да го премине прагот од 61 пратеници, но даваат јасно до знаење дека се против Нетанјаху. Од друга страна, од „Ликуд“ жестоко реагираа и порачаа дека „не е дозволено да се формира влада потпирајќи се на арапските партии кои се противат на израелската држава“.