Германската канцеларка вчера го повтори ставот дека нејзината земја нема да дозволи промена на границите на Балканот. Меркел реагира на изјавите на српски и косовски претставници кои заговараат размена на територии.
„Територијалниот интегритет на Западниот Балкан е дефиниран и не е тема за преговори“, порача германската канцеларка Ангела Меркел во понеделникот од Берлин. Меркел разговараше со премиерот на БиХ, Денис Звиздиќ кому му вети поддршка за европската интеграција на земјата.
Темата за промена на границите на Балканот повторно се актуелизира во последниот период откако највисоките државни претставници на Србија и Косово отворено почнаа да лицитираат со размена на територии меѓу двете држави.
„Мораме да го повторуваме ова, затоа што одвреме навреме се случуваат обиди да се разговара за границите. Не можеме да го правиме тоа“, рече Меркел.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ веќе извесно време отворено изнесуваат идеи за поделба на Косово. Според нивните сценарија, една од можните опции е северниот дел на Косово, мнозински населен со Срби, да се врати во границите на Србија.
На овие идеи возврати косовскиот претседател Хашим Тачи кој пак го проблематизираше јужниот дел на Србија мнозински населен со етнички Албанци. Според Тачи, Прешевската долина во иднина треба да биде дел од Косово. Тој тврди дека не се залага за поделба по етнички линии туку за „корекција на границите“.