Свет 24. јануари 2020. / 10:50

Ангела Меркел на средба со Ердоган во Истанбул

Ангела Меркел на средба со Ердоган во Истанбул

Германската канцеларка Ангела Меркел пристигна во работна посета на Турција, на покана на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Меркел на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул пристигна по 23 часот по локално време. Таа го напушти аеродромот заедно со својата делегација, поради што беа преземени високи безбедносни мерки.

Се очекува Меркел во Истанбул да одржи низа состаноци.

За време на средбата со турскиот претседател Ердоган се очекува да стане збор за билатералните односи меѓу Турција и Германија, германското претседавање со ЕУ кое почнува во јули годинава, за односите меѓу Турција и ЕУ, за процесот на пристапување на Турција во Европската Унија и многу други теми.

Во разговорите се предвидува и размена на мислења за регионални и меѓународни прашања, особено за Либија и Сирија, информира агенцијата „Анадолија“.

Во последните неколку недели, Меркел и Ердоган имаа клучна улога во меѓународните напори за решавање на конфликтот во Либија.