Американските берзи ја завршија последната сесија пред Божиќ со рекорден пад, кој следи по најгубитничката недела за нив од 2008 година. Стравувањата дека блокирањето на работата на федералната влада може да продолжи и во јануари и информациите дека претседателот Доналд Трамп може да го разреши претседателот на ФЕД Џером Пауел, значително ја разнишаа довербата на пазарот.
Телефонските разговори на министерот за финансии Стивен Мнучин со менаџерите на шесте најголеми американски банки во неделата беше обид да се запрат бруталните загуби од последните денови.
Распродажбите во понеделникот доведоа до најголемите загуби на Бадник, како за Дау Џонс, така и за С&П 500, а и двата индекса се на пат да загубат повеќе од 11 отсто оваа година, што е најлош резултат од финансиската криза наваму.
Водечкиот индекс Дау Џонс отстапи со 2,9 отсто и падна под 22 илјади поени, а експертите истакнуваат дека ова е најголемото дневно намалување за време на предбожиќна сесија во историјата.
Индексот С&П 500 загуби над 2,7 отсто, достигнувајќи ниво од 2351.10 поени со пад од 20,06 отсто во однос на последното покачување. Практично сите 11 сектори на индексот се на негативна територија за декември, четвртиот квартал и целата изминатава година.
Технолошкиот показател Насдакс се намали за над 2,2 отсто.