Американски разузнавачи соопштија дека корона вирусот се појавил во Кина, но дека не бил фабрикуван или генетски модифициран.
Тие, сепак, се уште ја проучуваат теоријата дека пандемијата можеби настанала како резултат на несреќни околности во кинеска лабораторија.
Канцеларијата на директорот за Национално разузнавање, од каде се координира мрежата од сите американски шпионски агенции, потврди дека вирусот, кој ја предизвика пандемијата во целиот свет, не е создаден по вештачки пат.
Целата разузнавачка заедница постојано помага на властите на САД и на тие кои водат битка со вирусот Ковид-19 кој се појави во Кина. Разузнавачката заедница исто така се сложува со широко распространетото стојалиште во научните кругови дека вирусот Ковид-19 не бил создаден од човекот и не е генетски модифициран – се вели во соопштението на директорот на Национално разузнавање.
Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп и неговите поддржувачи посочија дека вирусот можеби е излезен од лабораторија за истражувања на заразни заболувања во Вухан, епицентарот од каде што се појави вирусот.
Администрацијата на Трамп досега повеќепати ја обвини Кина поради ненавремена реакција да се запре епидемијата, додека американски официјални лица и законодавачи повикуваат дека Пекинг треба „да плати цена“ поради тоа.