Свет 14. јуни 2020. / 13:30

Американец добил болничка сметка од 1,1 милион долари за лекувањето од Ковид-19

Американец добил болничка сметка од 1,1 милион долари за лекувањето од Ковид-19

Седумдесет годишен Американец кој едвај ја преживеал заразата од Ковид-19, добил изненадувачки висока сметка од 1,1 милиони долари за трошоците за лекување во болница.

Како што пишува „Сиетл Тајмс“, Мајкл Флор бил примен во болницата во Сиетл на 4 март и останал таму 62 дена. Во еден момент, тој бил толку близу до смртта што медицинските сестри му го држеле телефонот за да може да се збогува со сопругата и децата.

Сепак, тој успеал да се опорави и е отпуштен од болницата на 5 мај, на задоволство на лекарите и медицинските сестри кои се грижеле за него, за на крајот да добие сметка на 181 страници од 1,122,501,04 долари.

Во сметката е пресметано: 9.736 долари за одделението за интензивна нега дневно, близу 409,000 долари за 42- дневно претворање на просторијата во стерилен простор, 82.000 долари за употреба на респиратор за 29 дена и скоро 100 000 долари за негата за двата дена кога му бил загрозен животот.

Болничките сметки на Флор ги покрива „Медикер“, програмата на Владата за осигурување за стари лица и нема да има потреба од вадење на паричникот.

Но, во земја каде здравствениот систем е еден од најскапите во светот – и помислата да се направи достапен за секого останува многу контроверзна – тој рече дека се чувствува „виновен“, знаејќи дека даночните обврзници ќе ги сносат повеќето од трошоците.

Мојата животна заштеда чинеше милион долари и секако дека се добро потрошени пари. Но, знам дека можеби сум единствениот што ќе го кажам тоа – наведува „Тајмс“.

Конгрес одобри план за одржување на американската економија за време на корона вирусот, кој вклучува буџет од 100 милиони американски долари за обештетување на болниците и приватните осигурителни компании кои лекуваат пациенти со Ковид-19.