На апликацијата „GoFundMe“ во тек е акција за собирање на пари за изградба на ѕидот на границата со Мексико, но и за изградба на скали кои би поминувале преку ѕидот.
Како што пренесуваат американските медиуми станува збор за две различни групи на луѓе, едните од една страна се поддржувачи на идејата на американскиот претседател Доналд Трамп, додека другата група е против идејата на Трамп, и собираат пари за изградба на скали кои би се поставиле преку ѕидот со цел да може мигрантите и откако ќе се подигне ѕидот слободно да ја минуваат границата.
Од ден во ден, како што пренесува Klix.ba. суми на пари се зголемуваат на двете сметки.
Од вчера по неуспешните преговори меѓу републиканците и демократите Владата на САД од полноќ е делумно блокирана. Станува збор за спорот околу ѕидот, кој тежи пет милијарди долари, а кој треба да се постави на границата со Мексико, за кој претседателот на САД Доналд Трамп од Конгресот бара доделување на парите.
Откако не беше постигнат договор за буџетот, лидерите на Конгресот и Белата куќа ветија дека ќе ги продолжат преговорите и за време на викендот во потрага по договор, кој доколку се постигне ќе доведе до прекин на блокадата на Владата во пресрет на божиќните празници.
Претходно Претставничкиот дом на американскиот Конгрес одобри буџет во кој е вклучено финансирање на ѕидот на границата со Мексико што го бара претседателот Доналд Трамп, но тој буџет не помина во Сенатот.