Американската војска привремено ја приземји цела флота на своите борбени авиони Ф-35 по падот на еден таков авион во Јужна Каролина минатиот месец, јавува Би-би-си.
Во времето додека се приземјени, ќе се извршат инспекции на потенцијално неисправни цевки за гориво. „Ако се иснталирани сомнителни цевки за гориво, тој дел ќе биде отстранет и заменет. Ако се инсталирани цевки за кои се знае дека се добри, тогаш на авионите ќе им биде вратен оперативниот статус. Очекуваме инспекциите да бидат завршени во следните 24 до 48 часа“, се наведува во соопштението на Канцеларијата на здружената програма на Ф-35.
Изгледа дека американската војска конечно реши нешто да направи откако дефекти беа најдени на десетици авиони Ф-35 и откако официјален извештај објавен годинава го постави прашањето дали Ф-35 е воопшто спремен за борбени операции.
Ова е особено поразително за американската војска имајќи предвид дека Ф-35 е најголемата и најскапа програма за развој на воен авион во светот. Предвиденото траење на програмата е неколку децении, а се планира да се продадат три илјади авиони низ целиот свет.
Американската влада ги проценува трошоците поврзани со овој проект на вртоглави 100 милијарди долари.
Борбениот повеќенаменски ловец Ф-35 користи „стелт“ технологија која го прави помалку видлив за радарите.
Авионот има три верзии, а во Јужна Каролина се урна Ф-35Б, кој може вертикално да полетува и слетува и чини околу 100 милиони долари. Пилотот во несречата успеа безбедно да се катапултира, но авионот беше уништен.