Свет

Амазон под истрага на ЕУ

Амазон под истрага на ЕУ

Европската комисија ја испитува двојната улога на Амазон на онлајн трговец и онлајн платформа за тргување поради страв дека компанијата би можела да биде нефер во поглед на конкуренцијата, изјави европскиот комесар за конкуренција.

Амазон продава производи и во исто време функционира како продажна платформа за помали трговци. Комисијата е загрижена што Амазон ги користи податоците од помалите компании за да ги процени најновите трендови и модели на однесување на клиентите.

„Штотуку почнавме, немаме никакви заклучоци, ние официјално не започнавме истрага, но се обидуваме да добиеме комплетна слика”, изјави за новинарите Маргарет Вестагер во Брисел.

Амазон веќе е во фокусот на вниманието поради привилегираните даночни аранжмани договорени со Луксембург. Во октомври минатата година, Комисијата и нареди на компанијата да плати околу 250 милиони евра за даночен долг.

Кога е вклучена камата, повеќе од 280 милиони евра се собрани, рече Вестагер денес.

Амазон се жалеше на одлуката пред Европскиот суд на правдата. Ако жалбата биде прифатена, парите ќе треба да се вратат.