Свет 14. февруари 2021. / 20:54

Администрацијата на Бајден продолжува да го гони Асанж

Администрацијата на Бајден продолжува да го гони Асанж

Администрацијата на Бајден навести дека ќе продолжи да врши притисок за екстрадиција на Џулијан Асанж од Велика Британија и да го гони основачот на Викиликс во САД, објави Њујорк тајмс.

Министерството за правда во четвртокот поднело барање до британскиот суд да ја поништи пресудата со која се блокира екстрадицијата на Асанж во САД, додека групите за човекови права и граѓански слободи го повикаа вршителот на должноста јавен обвинител Монти Вилкинсон да се откаже од гонењето.

– Продолжуваме да бараме екстрадиција, потврдил за Њујорк тајмс Марк Раимонди, портпарол на Министерството.

Судијка на британскиот суд во јануари ја блокираше екстрадицијата на Асанж поради високиот ризик од самоубиство во американскиот притвор.

Асанж се соочува со затворска казна од 175 години доколку биде испратен во САД и е прогласен за виновен по сите 18 точки од обвинението поднесено против него.

Групите за човекови права и граѓански слободи му тврдеа на Вилкинсон дека случајот што администрацијата на Трамп го покрена против Асанж може да воспостави преседан што би ја загрозил слободата на печатот.

Случајот покрена значајни прашања во врска со заштитата од Првиот амандман за објавувачите на доверливи информации. Асанж вели дека дејствувал како новинар кога ги објавил протечените документи за американските акции во Ирак и Авганистан.

Американската влада тврди дека тој не треба да биде заштитен од слободата на печатот, велејќи на суд дека неговите постапки ја надминуваат новинарската работа.

– Новинарите немаат уставно право да упаднат во владина канцеларија или да упаднат во компјутерски систем или да подмитат вработен во владата, за да добијат информации, рече Бајден во писмена изјава за Тајмс во 2019 година.

Ребека Винсент, директорка на меѓународните кампањи за „Репортери без граници“, рече дека групата е „крајно разочарана“ што Министерството за правда на Бајден врши притисок во обид да го донесе Асанж во САД за судско гонење.