Свет 01. ноември 2018. / 15:11

25 години од Договорот од Мастрихт: раѓањето на ЕУ и евроскептицизмот

25 години од Договорот од Мастрихт: раѓањето на ЕУ и евроскептицизмот

Раните 1990-ти беа пресвртница за европската интеграција. Крајот на Студената војна особено беше пресвртна точка во историјата, по што тогашните 12 европски членки одлучија да го турнат европскиот проект на едно ново ниво.

За таа цел, во февруари 1992 година, тие го потпишаа Договорот од Мастрихт. Тој стапи во сила на 1 ноември 1993 година, пред точно 25 години, и ја претвори тогашната Европска заедница во Европската Унија.

Периклес Христодулу, куратор во Домот за европска историја, вели дека „земјите-членки на просперитетната Европска заедница мораа да ја прошират едноставната економска соработка. Соработката требаше да има и други нивоа.“

Договорот од Мастрихт ги постави основите за раѓањето на еврото една деценија подоцна и ја зголеми политичката моќ на ЕУ. Тој, исто така, ги создаде европското државјанство, заедничката надворешна политика и поблиската судска соработка.

Но патот до ратификацијата не беше лесен. Во неколку земји беа одржани референдуми. Во Франција кампањата „да“ победи со многу мала разлика (50,8% „да“). Но во Данска договорот беше отфрлен со тесно мнозинство (50,7% против наспрема 49,3% за), што ја потресе Европа.

Жак Делор, кој беше претседател на Европската комисија од 1985 до 1995 година, изреагира на веста велејќи: „Ова ‘не’ на референдумот мора да ги натера сите добро да размислат, но комисијата може да каже само дека се плаши дека ова ‘да’ ќе има последици.“

Шокираноста на Делор ја споделуваа многу други политичари во Европа, според Виктор Фернандес Сориано, истражувач по историја на Слободниот Универзитет во Брисел.

„Тие првпат сфатија дека ентузијазмот што ги водеше европските преговори пред референдумот во Мастрихт не го чувствуваа нужно општествата, преку јавните мислења.“

Причините за ова отфрлање беа разновидни. За некои, тоа беше стравот од миграција и губењето на националниот идентитет. За други, тоа беше економскиот модел, за кој тие велеа дека е премногу либерален и дека ги гази трудот и социјалните права.

Договорот од Мастрихт, исто така, го воведе концептот на буџетски ограничувања врз основа на националните долгови и националните дефицити, што веќе беше критикувано од многумина во тоа време.

„Постојат многу историски врски меѓу дебатата за Договорот од Мастрихт и денешниве тековни дебати. Повеќето проблеми во основа се исти. Значи Договорот од Мастрихт навистина беше пресврт за европската интеграција, тоа беше пресвртница во европската историја, но беше и моментот во кој се појави евроскептицизмот“, додаде Фернандес Сориано.

На крајот, на Данска ѝ беа дадени четири отстапки од договорот, што го отвори патот за негово усвојување и ѝ го даде на ЕУ решавачкиот поттик.

Но, како што покажува брегзитот, подемот на евроскептицизмот или тековниот конфликт меѓу Рим и Брисел околу буџетот, прашањата што го тресеа процесот на ратификација на Мастрихт, сè уште се присутни денес, четвртина век подоцна.