Новак Ѓоковиќ излезе од форма и моментално ја игра најлошата сезона во неговата професионална кариера. За прв пат во изминатите 15 години и во првите десет натпревари во годината има повеќе порази отколку победи.
Што му се случи на поранешниот најдобар тенисер на светот освен повредата на лактот што неодамна ја санираше со операција? Познатиот швајцарски експерт за нутриционизам Јорг Хосли кој има институт за нутриционистичка дијагноза, тврди дека српскиот тенисер е болен и дека итно мора да го смени начинот на исхрана инаку во спротивно животот ќе му се претвори во пекол.
„Се сеќавам колку му се восхитував кога го гледав на терен. Потоа слушнав за неговиот план во целост да го смени начинот на исхрана и веднаш се прашав колку време ќе издржи. И еве, веќе се гледаат последиците. Тој боледува од орторексија, болест што потекнува од навидум здрава исхрана и токму затоа Новак не е свесен за последиците што оваа диета ги има долгорочно оставено на него“, вели Хосли.
Швајцарецот даде и подетална дијагноза:
„Ѓоковиќ е на диета што подразбира избегнување шеќери, но колку и да делува тоа добро, долгорочно е штетно за организмот. Со тек на време спортистот чувтвува сѐ поголем умор, се развиваат воспаленија, алергии, паѓа имунитетот… Не знам какви се неговите нус појави, но луѓето кои боледуваат од орторексија се повеќе подложни на стрес, помалку спијат, а подоцна може да заспијат само со помош на лекови. Овие луѓе може да изгубат поврзаност со пријателите, да паднат во депресија, па дури и да имаат суицидни мисли.“