Оле Гунар Солскјер ќе ја води екипата на Манчестер Јунајтед до крајот на сезоната.
Откако раководството на клубот му врачи отказ на Жозе Мурињо, одлучено е норвешкит стручњак да го преземе водењето на клубот со помош на Мајк Филан.
Со доаѓањето на Солскјер и Филан најавено е и враќањето на начинот на игра каков што практикуваше легендарниот Сер Алекс Фергусон. Двајцата се ученици на славниот Шкотланѓанец, а Солскјер овој стил на игра го наметна во Молде кој го водеше во изминатите неколу години, освојувајќи две титули и еден куп во Норвешка, како и пласман во Лигата на Европа.
„На тоа гледам како перфектен начин да се води еден клуб. Во нашиот мал свет со поинакви услови и помали приходи, моравме да направиме мини Манчестер Јунајтед. Ако овој систем е добар за Јунајтед, дефинитивно е добар и за Молде“, изјави Солскјер кога во 2011. година го презеде норвешкиот тим.
Системот на Ферги со Солскјер се враќа на „Олд Трафорд“ и сигурно е дека тоа ќе им се допадне на навивачите на „Црвените ѓаволи“. Сепак, она што исто така се врати во клубот се насмевките и добрата атмосфера со доаѓањето на Норвежанецот.
Првата работа која новиот менаџер на Јунајтед ја направи по враќањето во клубот беше исклучителна и ги воодушеви апсолутно сите. Тој и подари норвешка чоколада на рецепционерката Кет Фипс која на оваа позиција е со децении наназад, а токму таа прва го пречека во клубот кога тој пристигна во 1996. година.
И остатокот од екипата го дочека со ширум отворени раце. Воглавно тоа се вработените кои долго време се во клубот и кои го паметат неговиот престој на „Театарот на соништата“ во периодот од 1996 до 2007 година.
„Атмосферата се промени во текот на ноќта. Го крена клубот на нозе, а некои момци кои Мурињо ги тргна на страна во претходните две и пол години, повторно се тука и повторно се смеат“, изјави за британските медиуми извор од клубот.
Насмевката на лицата на фудбалерите исто така е присутна. Нема негативна атмосфера која беше присутна за време на мандатот на Мурињо и Солскјер уште од стартот направи голема работа.
„Менаџерот пристигна со насмевка и откако го знам тој е таков. Тој добро го познава клубот, тој е легенда која освои многу трофеи тука. Убеден сум дека тој и Мајк ќе ја пренесат својата филозофија на нас фудбалерите“, изјави Ешли Јанг.
Норвешкиот тренер дебито на клупата на Јунајтед ќе го има во сабота кога „Црвените ѓаволи“ ќе гостуваат кај екипата на Кардиф, екипа која Солскјер ја водеше краток период во 2014. година.