Спорт

Промовиран првиот прирачник за поголемо вклучување на девојки во спорт

Промовиран првиот прирачник за поголемо вклучување на девојки во спорт

Потребни чекори за поставување на првични идеи за спортски иницијативи, етапи на анализа на проблемот и дефинирање цели и решенија, формирање тим и реализација и актуализација на проекти од областа на спортот, со акцент на вклучување што поголем број девојки и жени во спорт, рекреативен и професионален, се само дел од содржините на првиот од ваков вид прирачник во Република Македонија и регионот, кој беше промовиран вечерва во „Јавна соба”.

Прирачникот е изработен од тимот на Здружението за промоција на родова еднаквост и надминување на социјалните различности преку културни и спортски активности „ТАКТ” во рамки на проектот „Обединети преку спорт”, финансиски поддржан од Американската амбасада во РМ.

– Содржински и концептуално прирачникот е единствен, а е исклучително практичен и применлив и за спортски здруженија, но и за сите кои сакаат да бидат реализираат сопствени иницијативи и идеи за позитивни промени во заедницата. Беше долготраен процесот на подготовка, но и одговорноста беше голема зашто на 60-тина страници се содржани и чекори за промовирање и имплдментација, но и актуализација на иницијативите, како и позитивни приказни од  нашите соработници и мотивирачки и инспиративни акции, рече Магдалена Спасовска, извршен директор на „ТАКТ”.

На промоцијата, дел од завршниот настан за проектот „Обединети преку спорт” беа презентирани и постигнатите цели со проектот и планот за понатамошна одржливост на истиот.

На настанот присуствуваа педесетина спортски работници-дел од националната мрежа на спортски лидери, а свое обраќање имаше и Ленче Алексовска Величковска, деканка на Факултетот за физичка култура, спорт и здравје.

– Движењето р процес кој е неминовен за човековото живеење,а спортот покрај што нуди психо-физички развој, значи и инклузија, социјализација и развој на личноста. Задоволство е да се види коллу многу девојки и жени од различни возрасти се поттикнати да се бават со физичка активност, така што отвореноста за соработка и поддршката од наша страна како факултет се секогаш тука, рече Алексовска Величковска.

За важноста од ангажирање на што повеќе девојки со спорт говореа и Кајл Бутчер, волонтер на Мировен корпус на САД во Македонија и Александра Дичевска, претставничка на Агенција за млади и спорт.

Спортските лидери дискутираа за потребата од поголемо вклучување на девојки во спортот и даваа препораки и насоки за дистрибуција на прирачникот до целните групи.

Подоцна беше отворена и изложба на фотографии „Девојки како нас”, избор од најдобри 60 од вкупно пристигнати 600 фотографии на конкурсот поддржан од Холандската амбасада во РМ.