Поранешниот голман на Металург, Дарко Станиќ кој сега работи како државен секретар во Министерството за млади и спорт во Србија е обвинет за сексуално вознемирување. Тој наводно ги навредил жените и со хартија удрил колешка по задникот.
Станиќ присустувал на настан во Нови Сад во организација на невладината „Атина“. Станиќ од невладината организација е обвинет дека во текот на настанот ги навредил жените со тоа што рекол дека не се добри возачи, а потоа наводно со листови хартија ја удрил својата колешка по задникот.
-Не сакам да правам шпанска серија од нешто што некој потоа ќе го толкува на свој начин. Но, како спортист, во морална и етичка смисла и со домашно воспитување, приморан сум да кажам неколку зборови. Најмал проблем ќе биде веднаш да си заминам од оваа позиција, ако јавноста пресуди дека некого сум навредил. Тие работи околу задникот и тоа… па ве молам, тие мојата пријателка ја бранат од мене?! Личноста која работи со мене ја бранат од нејзиниот пријател! Размислував кој пршлен и го допрев со хартијата… Дајте да ја видиме снимката, можеби во мојот мозок се случи некој прекин, да видиме што направив толку страшно. Жал ми е што таа девојка се вовлекува во оваа приказна. Исклучително ја почитувам еднаквоста на сите луѓе, без разлика дали е тоа однос на маж кон маж, жена кон жена, дали се работи за боја на кожата или за мислење. Самото нашето постоење значи и апсолуна слобода на изборот, објаснува Станиќ за српските медиуми.
Во српските медиуми се огласи и девојката која негира дека се случило нешто.
-Многу грд начин да се дискредитира некоја личност. Тоа удирање не се случи, измислено е. Не е убаво што личности кои се борат за женските права се однесуваат на ваков начин. Ако не им се допаднало неговото излагање, требало тоа да го решат со него, а не да измислуваат нешто што не се случило. Зарем мислите дека би дозволила некој да ме понижува на таков начин, изјави девојката која е стажант во Министерството, инаку е студентка на Факултетот за спорт.
Министерот за млади и спорт на Србија, Вања Удовиќ вети дека случајот ќе биде испитан.
Инаку, Дарко Станиќ неодамна ја раскажа и животната голгота со кокаинот за која изјави дека му била најголема грешка во неговиот живот.