Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој утринава го освои својот 14-ти гренслем-турнир УС-опен со победата во три сета против Дел Потро, ги изненади сите откако застана во одбрана на американската тенисерка Серена Вилијамс, која беше казнета со 17.000 долари за расправиите со судијата на женското финале ден порано.
Вилијамс загуби од Јапонката Осака, а мечот го одбележа казната која го доби од судијата Карлос Рамос, кој и одзема гем, откако таа му порача дека е – крадец.
„Мислам дека судијата не мораше да оди против Серена до крајни граници, посебно што се работи за гренслем-финале. Постои дебата, ама мислам дека тој детал го смени текот на мечот и дека тоа беше непотребно. Емоциите се нормална работа и посебно се изразени кога се борите за титула на гренслем. Јас ја сакам Серена, сочувствувам со неа. Тешко е на судијата од столчето да види сè. Сите беа во незгодна ситуација, имаше многу емоции, Серена плачеше. Баш беше тешко. Серена ги инспирира сите, таа е многу посветена на спортот. Сепак, како што и самата кажа, Осака си заслужи да има свој момент“, рече Ѓоковиќ.