Спорт 06. јули 2018. / 13:51

Николас Херанц е првиот Аргентинец кој ќе игра во Вардар

Николас Херанц е првиот Аргентинец кој ќе игра во Вардар

Вардар доби уште еден фудбалер во своите редови. Аргентинскиот интернационалец Николас Хозе Херанц стави потпис на договорот со Вардар за следните две сезони. Тој ќе биде првиот играч од Аргентина во историјата кој ќе игра за „црвено-црните“, а настапува на позицијата стопер.

Херанц има 24 години, и до сега настапувал за аргентинските клубови Розарио Централ и Олимпо. Во Вардар ќе го носи дресот со број 6.

„Потпишав за одличен клуб, и доаѓам во одличен град. Со нетрпение го очекувам мојот прв настап во мојот нов тим. Првите импресии ми се позитивни, и сега низ тренинзите и низ натпреварите ќе дадам се од себе да ги исполнам очекувањата од оние кои ми дадоа прилика да бидам дел од оваа екипа. Знам дека Вардар секогаш атакува на титули. Пред да дојдам тука истражував за овој тим, и можам да кажам дека сум импресиониран. Не беше тешко да се заклучи дека Вардар е најдобриот клуб во Македонија. Исто така ми соопштија дека ќе бидам првиот играч од Аргентина кој ќе настапува во оваа екипа, и драго ми е поради тоа“, изјави Херанц.

Поради временската разлика на Македонија со Аргентина, овој играч во моментов нема добиено сертификат. Од страна на ФК Вардар е побаран сертификат од фудбалските структури на таа земја, и истиот треба да пристигне во секој момент. Фудбалерот е навремено пријавен за натпреварите од Лигата на Европа против Пјуник, и веднаш по добивањето на сертификатот, Херанц автоматски ќе се стекне со право на настап во дресот на Вардар на официјални натпревари.

НИКОЛАС ХОЗЕ ХЕРАНЦ

Датум на раѓање: 17.06.1994

Место на раѓање: Касилда, Аргентина

Позиција: стопер

Кариера: Розарио Централ (Аргентина), Олимпо (Аргентина).