Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ синоќа го прекинаа полуфиналниот двобој на Вимблдон по завршувањето на третиот сет поради англиската традиција.
Имено во Англија не се одржуваат спортски настани по 23 часот. Вчера дуелот помеѓу Шпанецот и Србинот започна во 20 часот по локално време или 21 по македонско, бидејќи предолго траеше претходното полуфинале помеѓу Џон Изнер и Кевин Андерсон. Овие двајца играа шест часа и 41 минута, па затоа и второто полуфинале започна многу подоцна и траеше се до 23 часот.
Голем дел од тениските фанови негодуваа поради фактот што мечот помеѓу Надал и Ѓоковиќ беше прекинат, бидејќи беа сведоци на епска битка, која заслужува да биде меч за титулата. Србинот на спиење замина со предност до 2-1 во сетови, а мечот ќе продолжи денеска во 14 часот и ќе се игра пред женското финале помеѓу Серена Вилијамс и Анџелик Кербер.