Велес денеска е домаќин на седмиот традиционален пливачки маратон на езерото Младост, како финална трка во националниот куп во далечинско пливање. Маратонот претпладнево почна со трката за рекреативците.
На маратонот учествуваат 50 пливачи во професионална конкуренција, 20 млади под 12 години и 20 рекреативци.
Се одржуваат вкупно шест трки, во три категории: 2,5 км – категорија 12-14 години, 5 км – категорија А 15-17 години и категорија Б, 18 години и постари.
Иле Попов, претседател на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ информира дека првпат оваа година има млади пливачи под 12 години, а професионалните пливачи ќе пливаат на 2500 метри.Тој нагласува дека манифестацијата е организирана во согласност со протоколите на Националната пливачка Федерација.
Финалето на македонскиот куп во во далечинско пливање на 2500 метри ќе започне во 11:30 часот. Доделувањето на наградите е најавено во 14 часот. Велешкиот пливачки маратон и годинава го организира Општина Велес и Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28” од Велес и Националната пливачка федерација и „Ротари клуб“ – Велес кој го поддржува маратонот.
Општина Велес го поддржа пливачкиот маратон со средства во висина од 200 илјади денари, од буџетот на општината. Градоначалникот Аце Коцевски изјави дека за Велес е од особено значење фактот што и оваа година е домаќин на финалето на националниот куп во далечинско пливање.
Тоа потврдува дека велешкото езеро „Младост“ прераснува во значајна туристичка, но и спортска и рекреативна атракција, заклучи Коцевски