Спорт 10. јуни 2018. / 18:15

Меси: Властите во Мадрид ме доведоа до состојба да плачам

Меси: Властите во Мадрид ме доведоа до состојба да плачам

Лионел Меси во овој момент е максимално сконцентриран на својата репрезентација и она што ја чека Аргентина на Светското првенство во Русија, но од друга страна пак, нема проблеми да одработи интервјуа за познатите каталонски весници, во случајот „Спорт“.

Угледниот весник од Каталонија денеска ексклузивно го објави опширното интервју со најдобриот фудбалер на шпанскиот првак, во кое покрај тоа што Лео порачува дека не ги заменил двете освоени титули во Примера и Копа дел Реј со онаа од Лигата на шампионите, говори и за доста емотивни моменти, впрочем за најтешките кои ги доживеа како член на Барса и жител на Барселона.

Меси доби сериозни обвиненија за затајување данок и беше изнесен на суд од властите во Шпанија, моменти за кои сега одлучи да се отвори Лео, огласувајќи се со жесток тон и покажувајќи со прст кон властите во Мадрид.

– Имав навистина тешки моменти тој период, имаше моменти кога ме доведоа до плачење. Беше навистина тешка година таа со даночните обвнувања, беше навистина тешко за мене. Не ме доведоа до депресија, но навистина бев погоден од начинот на кој ме напаѓаа и од работите кои ги говореа за мене, за мојот татко и за моите блиски. Беше навистина тешко и се почувствував како некој да сака да ме прогони. За среќа, добив поддрршка и љубов од моите луѓе, од градот Барселона, од Каталонија и тоа направи да се чувствувам многу помирно. Мислам дека наредбите за напаѓање и осудување пристигнуваа од Мадрид. Знаев дека тоа е така и тоа навистина ме болеше, – порачува Меси.