Аргентинскиот новинар Луис Вентура тврди дека Диего Марадона умрел во сиромаштија, иако заработил навистина многу во кариерата.
-Марадона немаше речиси ништо на својата банкарска сметка, умре во сиромаштија, изјави Вентура.
Според него, причина за тоа не е начинот на живот кој Марадона го водеше, туку бил премногу наивен кога станува збор за луѓето од неговото опкружување.
-Луѓето блиски до него го ограбија, порача аргентинскиот новинар.
По завршувањето на играчката кариера Марадона се борел со депресија и зависност од алкохол и наркотици, а потоа се проба и како тренер, беше и селектор на Аргентина, но не забележа поголеми успеси. Прифаќаше богати понуди каде што можеше да го „наплати“ своето име, па така работеше во Обединети Арапски Емирати и Мексико, беше почесен претседател на белоруски Брест, а не одбиваше ни разни понуди за реклами.
-Како го ограбија луѓето од опкружувањето? Така што добиваа се што ќе побараа. На никого не му кажа не. Таков беше Марадона, вели Вентура.
Неговата приказна ја потврди и парагвајскиот напаѓач Пабло Веласкез кој играше кај Марадона во Дорадос, па раскажа дека на играчите самиот им ги исплаќал премиите и вечерите, но не само тоа.
-Носеше два часовници, прстени, алки… Доволно беше да кажеш дека ти се допаѓаат, веднаш ги вадеше и ти даваше се, објаснува Веласкез, додека медиумите потсетуваат дека голем дел од парите ги загубил и за време на судењето со поранешната жена Клаудија.