Спорт

Mакедонска репрезентација: Oсум фудбалери се жалат на стомачни мачнини

Mакедонска репрезентација: Oсум фудбалери се жалат на стомачни мачнини

Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски потврди дека осум фудбалери од утринските часови почнале да се жалат на стомачни мачнини.

За македонската репрезентација ова претставува дополнителен проблем пред утрешниот натпревар против Лихтенштајн од Лигата на нации, бидејќи поради вироза надвор од тренажен процес се Ѓоко Зајков, Аријан Адеми, Стефан Ристовски, Давид Митов Нилсон, Стефан Спировски, Мите Цикарски, Ферхан Хасани и Бобан Николов.

– Информација за вирусот е точна, а фудбалерите веднаш беа испратени на испитување. Станува збор за вирус. Нивната состојба се следи, а дел веќе се чувствуваат подобро и ќе видиме кој од нив ќе биде подготвен да помогне, истакна Ангеловски.

Селекторот на македонската репрезентација нагласи дека на натпреварот против Лихтенштајн ќе одат само на победа и нема да калкулираат.

– Фокусирани сме само на Лихтенштајн и нема да калкулираме со составот. Ги имаме сите потребни информации за противникот. Бевме со иста група со овој противник и претходно, но секој меч е различен. Лихтенштајн има поразличен тим отколку во квалификациите, одиграа добро на првите два меча, но играат колку што ќе им дозволи противникот. Се надевам дека моите момци нема да им дозволат да играат. Ќе го дадеме максимумот и ќе победиме, наведе Ангеловски.

Натпреварот меѓу Македонија и Лихтенштајн се игра утревечер од 20:45 часот на арената „Филип Втори“.