Шпанскиот шампион Барселона остана со празни раце кога е во прашање Антоан Гризман кој на крајот одлучи да ја одбие нивната понуда и да остане во Атлетико Мадрид.
Ова значи дека каталонците ќе мора да најдат друго решение кога е во прашање напаѓачката линија, но според информации од Шпанија една работа е веќе завршена-договорено е засилување во одбраната. Имено првото летно засилување за Барса сепак ќе биде Французин и тоа во името на 23-годишниот Клемен Ленгле.
Информациите на „Спорт“ говорат оти зделката е договорена или поточно гигантот од „Камп Ноу“ на 1 јули ќе ја активира откупната клаузула од 35 милиони евра. Ова веќе го знае и Севилја и нема да прави никакви проблеми, а стоперот ќе потпише петгодишен договор и ќе биде сериозна конкуренција за Пике и Умтити во одбраната.
Барса со Ленгле сака дополнително да ја засили, освежни одбраната, да има одлична алтернатива во играч во кој во секој момент може да игра во првата постава. Тука на стоперската позиција се уште искусниот Вермален и Мина, меѓутоа првиот често има проблем со повредите, додека пак вториот не успеа да импресионира со своите настапи.
Желбата на шампионот е освен Ленгле да доведе уште 2-3 играчи во преодниот рок, играчи од средината на теренот и нападот.