Спорт 09. јануари 2019. / 18:58

„Балисти“ за италијански портал: Ја мразиме македонската публика и им посакуваме се најлошо

„Балисти“ за италијански портал: Ја мразиме македонската публика и им посакуваме се најлошо

Навивачката група на Шкендија, „Балисти“ во интервју за италијанскиот портал „Ривиста контрасти“ зборуваат за омразата кон македонските фанови, кон Вардар и признаваат дека нивни членови учествувале во војната во Косово во крајот на деведесетите и во Македонија во 2001, пренесе Мкд.мк.

Темите за национализмот на Балканот никогаш нема да стивнат, тие се неисцрпен извор за приказни, а таква една се обиде да раскаже и италијанскиот новинар Микеланџело Фреда кој е дописник за порталот „Ривиста контрасти“.

Во првиот дел од текстот тој зборува за албанското прашање во времето на Југославија и по распадот на федерацијата, за основањето на навивачката група на Шкеднија, „Балисти“, а потоа во интервју со нивни член ги презентира нивните ставови за Албанија, Македонија и Вардар.

-Шкендија е албански клуб, отсекогаш сме имале почит за Албанија и Косово. Немаме однос со македонската публика, ги мразиме длабоко и им посакуваме најлошо исто како и тие нас – вели членот на „Балисти“ кој сакал да остане анонимен.

 

-За нас Шкендија е се, таа е нашиот кислород и нашата храна. За Шкендија подготвени сме да одиме во затвор, дури и да умреме, таа ни дава поголемо задоволство од се друго во Илирида. Доколку некогаш дојдете во Тетото да гледате натпревар против нашиот ривал Вардар, ќе видите што ни значи Шкендија нас. Има 60, 70, 80-годишни луѓе кои плачат кога ќе победиме и деца кои растат чекајќи да заиграат за Шкендија.

 

-За навивачите на Вардар ние сме „СТРАВ“, секогаш кога ќе го слушнат името „Балисти“ со денови не можат да заспијат. Тие се Македонци и се поддржани од македонската влада, се мразиме едни со други.

 

-Наши членови соработуваа со Косовската армија за ослободување за време на војната во Косово во 1998/99 година и во војната во Македонија во 2001 година. Немаме однос со нив, но во случај на неопходност ние сме први да помогнеме – вели навивачот.

И покрај сите обиди за искоренување на национализмот, очигледно е дека тој се уште е присутен во огромни количини, особено кај навивачките групи во Македонија и насекаде на Балканот.

Минатиот месец излезе спот на Министерството за култура на Македонија на тема „Запознај ја Македонија“ во кој се промовираше навивачката група „Балисти“ како гордост на Тетово.