Скопје ќе продолжи да се гради, но со усул. Не мегаломанско Скопје кое ќе ја блокира флуктуацијата на ветерот и воздухот, туку ќе се развиваат перифериите, изјави денес премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата за уредувањето на кејот „13 Ноември”.
Три пати поголем данок на имот ќе плати секој што има имот, а не го користи имотот, најави премиерот.
– Ние како Влада сме на релација со ЗЕЛС и се разговара да се обезбедат приходи за општините за градежните дозволи да не бидат единствен начин на финансирање и да запре градењето на згради во централното градско подрачје. Скопје ќе се гради, но на периферија, порача Заев.
Денеска започнаа градежните работи на кејот на реката Вардар до ГТЦ. Се работи за проект вреден речиси 1,5 милиони евра.
Целта е кејот повторно да се стави во фунција на граѓаните и да нема повеќе паркирање на самото шеталиште.
Се очекува проектот да биде завршен за четири месеци а за потребите на објектите ќе биде дозволен влез само за конкретни автомобили во конкретни временски интервали во текот на денот.
Дополнително ќе се срушат и летните тераси на угостителските објекти на кејот, а на сметка на тоа тие ќе добијат проширување на своите зимски тераси и нивниот изглед ќе биде унифициран.