Скопје 27. март 2020. / 14:12

Вработен во ЈСП позитивен на корона вирусот

Вработен во ЈСП позитивен на корона вирусот

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) информира дека кај еден вработен е потврдена зараза со вирусот Ковид-19. Тој навреме е хоспитализиран, а не бил во контакт со колегите повеќе од две недели поради мерката за ослободување од работни обврски на хронично болни лица.

Како што соопштија од ЈСП, заразениот не бил  вклучен во извршување на јавниот превоз, бидејќи е  дел од помошно-техничкиот персонал (паркирач) и имал ограничен контакт со останатите вработени лица.

Пет лица вработени во ЈСП-Скопје, кои исто така се дел од помошно-техничкиот персонал, се во самоизолација, откако било пријавено дека имале контакт со лица кои претходно биле во непосреден контакт со лица вратени од патување од земја со среден или висок ризик – соопштија од ЈСП.

Од компанијата велат дека како општествено одговорно претпријатие се придржуваат и ги преземаат препорачаните мерки за спречување на ширењето на корона вирусот.