Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 18 нови пациенти поради компликации од коронавирусот и сега на инфективните оддели се лекуваат вкупно 355 лица сомнителни и потврдени за ковид-19, соопшти Министерството за здравство.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 10 приеми и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за гастроентерохепатологија, на Клиниката за дерматологија, на Институтот за ТБЦ и на Клиниката за нефрологија. На Клиниката за неврологија биле примени двајца пациенти, исто толку и на Клиниката за уво нос и грло и на Очната клиника.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало шест нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника два во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 20 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 16 пациенти, на Клиниката за неврологија 27 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 27 пациенти со симтоми на корона вирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 20 пациенти, на Клиниката за очни болести четири пациенти, а на ОРЛ 16 болни. На Клиниката за гастроентерохепатологија лежат 20 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 99 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 94 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти.
Според Министерството за здравство, голем дел од хоспитализираните на инфективните оддели се на кислородна поддршка. Инаку, бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 98 слободни места.