Скопје 08. јануари 2019. / 16:44

Во Скопје два нови случаи со мали сипаници

Во Скопје два нови случаи со мали сипаници

Два нови случаи со мали сипаници денеска се лабораториски потврдени. Станува збор за 18-месечно дете од општина Чаир и за четиригодишно дете од општина Аеродром кои биле невакцинирани. Тие се пренесени на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека со овие два случаи вкупниот број на заболени со морбили изнесува 19. Од заболените, 11 биле пренесени на Клиниката за инфективни болести, од кои четири се пуштени на домашно лекување. Потенцира дека за едно лице на возраст од 30 години кое е вакцинирано со една доза вакцина и за уште едно лице на возраст од 28 години кое има непознат вакцинален сататус се чека поврда од крвните анализи.

Досега се вакцинирани 1.300 деца, рече Филипче и упати апел до родителите да ги вакцинираат децата за да се спречи епидемијата на морбили. Во врска со МРП вакцините со погрешни декларации, но не со изминат рок, рече дека станува збор за само еден отсто од вкупниот број увезени и дека тоа може да биде причина МЗ да го раскине договорот со добавувачот „Македонијалек“

– Инспекции ќе има во здравствените домови кои извршиле прием на вакцините, но и во самата компанија, која ќе треба да си ги испита процедурите за да видат каков пропуст направиле. Нема да дозволиме ништо да го подрива угледот и довербата во нашиот здравствен систем, во период кога правиме напори да го зачуваме угледот. Наша намера е да ги смениме сите оние работи кои родија сомнеж во јавноста околу исправноста на вакцините. Министерството за здравство ќе ги преземе сите мерки кои се во рамки на правната регулатива да се справиме со ова, да укажеме на производителот каков проблем се јавил со локалниот добавувач, за да докажеме дека сме сериозна власт на која граѓаните и се на прво место, рече Филипче.