Скопје

Во пет скопски општини заменети се 155 стари контејнери со нови

Во пет скопски општини заменети се 155 стари контејнери со нови

Со цел да се подобри подигањето на отпадот на територијата на градот Скопје во текот на изминатите неколку недели, екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје реализираа акција за миење и дезинфекција на контејнерите за исфрлање на комуналниот отпад со зафатнина од 1,1 м3, поставени во општините Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Чаир и во Кисела Вода.

Контејнерите се транспортираат во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, каде што се врши нивно миење, дезинфекција, репарација, а со помош на автоцистерни се изведува и комплетно миење и на џебовите на нивните микролокации.

Освен миење и дезинфекцијата на контејнерите, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, во споменатите 5 скопски општини изврши и замена на старите и дотраени садови со комплетно нови садови за исфрлање на отпадот.

Во општините Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Чаир и во Кисела Вода се изврши комплетно перење и дезинфекција на сите постојни садови за исфрлање на отпадот со зафатнина од 1,1 м3, како и на нивните микролокации.

Во рамките на акцијата, со нови контејнери се заменети вкупно 155 дотраени контејнери на 28 локации. ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, во претстојниот период ќе ги продолжи овие активности во сите скопски општини, со цел да се подобри хигиената на садовите за исфрлање на отпадот, како и на самите микролокации за да се избегне ширењето на непријатните миризби.