Скопје 29. јуни 2020. / 15:28

Во болницата во Козле сместени 20 пациенти, двајца се на кислородна поддршка

Во болницата во Козле сместени 20 пациенти, двајца се на кислородна поддршка

Министерот за здравство, Венко Филипче, го посети Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле кој од неодамна е пренаменет за згрижување и на возрасни пациенти заболени од Ковид-19, како поддршка на двата главни центри во Скопје, Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Градската општа болница „8 Септември“.

Филипче изјави дека болницата во Козле е установа со огромна експертиза на лекари и медицински сестри во третманот со болни од белодробни заболувања. Дополнет е кадарот со експерти, специјалисти по интерна медицина, пред сè од клиничкиот центар во рамките на системот на ротација.

Дваесетина пациенти се хоспитализирани, вкупниот капацитет на болницата е шеесетина кревети со централен довод на кислород, што е многу важно за третманот на овие пациенти. Сакам да им честитам и на менаџерскиот тим, но и на лекарите и сестрите коишто за многу брзо време се престроија и навистина посветено и пожртвувано работат со овие пациенти. Ќе продолжи планирањето, практично секојдневно, но и средно и долгорочно на капацитетите за третман на овие пациенти. Во следниот период предвидени се и други капацитети. Засега нема зголемување на притисокот кон јавно-здравствените установи во однос на тоа што беше тренд минатата недела. Модуларната болница кај инфективната клиника е целосно испразнета. Во овој момент таму се поставува централен довод на кислород, капацитетот на клиниката не е целосно пополнет, има неколку слободни кревети, но со секојдневна координација и разговор се прави прераспределба по потреба согласно капацитетите и согласно кадарот којшто ротира во сите установи каде се третираат овие пациенти во болниците ширум државата, освен во Битола каде што има неколку 4-5 слободни места, во другите инфективни одделенија капацитетите се практично полупразни, потенцираше министерот Филипче.

Директорот на Институтот за белодробни заболувања – Козле, Ангелчо Андоновски, изјави дека во моментов во установата има 20 пациенти кои се позитивни на Ковид-19. Пациентите се на возраст од 41 до 85 годишна возраст, a има и две позитивни деца.

На кислородна поддршка има двајца возрасни пациенти. Децата се во добра здравствена состојба и во секој момент се очекуваат последните резултати за да бидат испишани, рече д-р Андоновски. Тој истакна дека функционираат со помош на тимови од инфективната клиника кои ротираат.