Скопје 06. May 2019. / 11:24

Утре Клинички центар ќе биде затворен за приватни возила, ќе се пренасочуваат во Воена болница и во Клиниката „Св. Наум Охридски“

Утре Клинички центар ќе биде затворен за приватни возила, ќе се пренасочуваат во Воена болница и во Клиниката „Св. Наум Охридски“

Од денеска во 18.00 часот до утре во 18.00 часот во Клинички центар нема да биде дозволено паркирање и влез на приватни возила, туку ќе се пропуштаат само возила на Итната медицинска помош, соопштија денеска од Министерството за здравство, а во врска со посетата на папата Франциск.

Од Министерството испратија апел до граѓаните кои утре ќе имаат потреба од медицинска помош, да се упатат во Воена болница и во Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“, кои ќе работат со полн капацитет. Од таму уверуваат дека сите граѓаните ќе ги добијат неопходните здравствени услуги.

Клиничкиот центар ќе биде прилагоден на посебни меѓународни стандарди кои се применуваат во сите земји во светот. Клиниката „Св. Наум Охридски“ ќе биде постојано достапна за граѓаните кои ќе имаат потреба од здравствена услуга од областа на дигестивната хириргија, ортопедија, урологија, неврохирургија, трауматологија. Овие болници ќе работат со полн капацитет и целасна мобилност. Ова не значи дека Клиничкиот цен ќе биде затворен, туку дел од улиците во Центар ќе бидат затворени за сообраќај, а на паркингот во комплексот клиники ќе биде забранет влез на приватни возила. Апелирам сите граѓаните да се упатуваат кон двете болници, болницата „8ми Септември“ и Универзитетската клиника Св. Наум Охридски – рече Виктор Димовски, државен секретар во Министерството за здравство.

Тој додаде дека Гинекологија и акушерство ќе биде достапна за пациентите, а до Клиниката за детски болести ќе се пристапува од задниот влез на Клиничкиот центар. Димовски повтори дека во Клничкиот центар ќе бидат прифатени и ќе ја добијат потребната здравствена заштита сите граѓаните кои сепак ќе се упатат таму.

Од Министерството за здравство се извинуваат до сите граѓани на кои термините за преглед им се откажани и порачаа дека ќе им бидат презакажани во термини почнувајќи од задутре.