Град Скопје ја урна спорната авто-перална на булеварот 3-та Македонска бригада која речиси четири години претставуваше црна точка бидејќи откако улицата беше проширена во булевар во еден дел наместо две се возеше по една коловозна лента.
Неможноста да се сруши овој објект досега беше заради постапка за експропријација, но од градот велат дека спорот е добиен и затоа се пристапило кон уривање на објектот.
– Самиот објект, по имотниот лист е во сопственост на град Скопје, а досега се водеше правна постапка за преeземање на владение на објектот. Градот Скопје, преку овластен извршител, достави решение до лицето кое живее таму за празнење на објектот и преземање на владение врз истиот. По поминување на сите рокови и исцрпување на сте правни лекови за извршување на налогот, градот закажа присилно иселување за 16 октомври, а сопственикот вчера, 15 октомври, доброволно го предаде објектот. Градот го презеде владението на објектот и доби решение од овластениот извршител“, информираат од град Скопје.
Иако доброволно го предал, сопственикот во изјава за медиумите тврди дека за да му го срушат објектот градот понудил сума која е многу пониска од вредноста на објектот и земјиштето и дека правдата ќе ја бара во Стразбур бидејќи не му верува на македонскиот судски систем.
Од Град Скопје најавуваат дека набргу започнуваат со доизградба на улицата.