Реакциите за рушењето на Универзална сала не стивнуваат. Бројни се уметниците кои го креваат гласот против ваквото решение. Најгласни се оние кои биле дел во градењето на тој културен култ, а меѓу нив секако и дел од македонските музички, естрадни и фолклорни… уметници.
Андријана Јаневска, познатата македонска пејачка, виолинистка и музички педагог е една од оние која токму својата кариера, своето уметничко деби го имала во „Универзална сала“. Непосредно пред своето заминување за Преспа, во делот на Република Албанија, каде токму за претстојниот празник – Илинден на плоштадот во овој град со свој концерт годинава ќе го отвори “Македонско културно лето” во Албанија, Андријана Јаневска во кусата изјава за Вистина.ком.мк порача:
Мојот прв настап беше во Универзалната сала. Таму ја започнав кариерата, дебитирајќи на Скопскиот фестивал. По природа сум тип на човек кој сака да гради, а не да руши и сигурна сум дека може да се најде решение оваа сала повторно да функционира, оттука, каде што е од истата локација.
Познатиот македонски фолклорист, народен уметник и мултиинструменталист кој свири повеќе народни инструменти – Стефче Стојковски кој многупати настапувал во „Универзлна сала“ дури и со некои од најголемите имиња и легенди на македонскиот изворен фолклор, исто така жестоко се спротиставува на уривањето на салата, тврдејќи дека градењето е доблест а уривањето особено на еден ваков култен културен објект е знак на творечка и духовна немоќ:
Мојот личен став во врска со најавите за рушење на Универзална сала е дека доколку таа се сруши, ќе се сруши еден солидарен подарок, донација од 30-етина држави како хуманитарна помош за овој културен објект јој изграден после земјотресот. Ќе се срушат спомените од моето детство, спомените од моите настапи со познатите македонски музички легенди, Васка Илиева, Вања Лазарова, Александар Сариевски и многу други… Доблест, големина, белег на една нација е да се сочува, надгради или возобнови веќе изграденото, или да се изгради ново поубаво од постоечкото. Да се руши , да се урива, да се уништува, разурнува, по мене е знак на дестимулација , слабост, очај, безидејност и творечка духовна немоќ, заклучува Стојковски во изјавата за нашиот портал.