Околу 70 проценти ќе се намали уништувањето на зеленилото на Водно со корекција на трасата за гасоводот, велат надлежните. Предлогот е трасата да биде потесна и да се користат веќе постоечките патеки на Водно. Ваквата корекција на гасоводната траса, доаѓа по жестоките критики од граѓанските активисти кои алармираа дека на Водно му се заканува екоцид.
Неделава активистите заедно со вицепремиерот Кочо Анѓушев и директорот на Македонски енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, заедно беа на увид на терен оти претходно властите тврдеа дека на Водно ќе се сече „мала шумичка“.
„Во целата делница за околу 70 проценти се намалува должината каде што се сечат дрвцата. Штом ќе имаме усогласеност одма ќе почнеме со измениве и најбрзо што можеме ќе ги завршивме постапките“, рече Бајрам Реџепи: директор на МЕР.
„Ја поздравував иницијативата на невладините организации, тие се коректор на политиките на секоја влада и како такви денеска се убедивме дека тие делумно или во најголем дел биле во право во своите барања“, изјави Кочо Анѓушев – вицепремиер за економски прашања
На новинарско прашање – До кога поединци ќе ги коригираат грешките на институциите, тој одговара:
„Сè додека немаме една држава која ќе биде држава за сите. Сè додека немаме една држава која ќе биде држава за сите, држава која ќе ги почитува сите правила којшто треба да бидат во една нормална држава ќе биде тоа така. Точно тоа и сакаме да го постигнеме, да ја вратиме таа држава во една нормала, да нема силеџиско однесување.“
Магистралниот гасовод кој треба да стигне до Тетово, Гостивар и Кичево, поминува низ сртот на Водно оти надлежните велат дека трасата е утврдена од претходната власт и немало време за барање алтернатива. Багерите на терен, ги дигнаа на нозе еко-активистите кои реагираа оти Водно има заштитено зелено подрачје, но е и живеалиште на ендемски видови на инсекти и растенија. Преговорите меѓу власта и еко-активистите за предложените корекции на трасата продолжуваат.