Скопје 06. декември 2018. / 21:56

Телма: 40 автобуси на ЈСП не се возат низ градот затоа што веќе 6 месеци немаат гуми

Телма: 40 автобуси на ЈСП не се возат низ градот затоа што веќе 6 месеци немаат гуми

Најмалку 40 автобуси на ЈСП стојат без гуми на паркинзите на ЈСП.  Не возат низ градот затоа што веќе 6 месеци немаат гуми. Тендерската документација која ја најдовме на сајтот за електронски набавки покажува дека јавното претпријатие во јуни оваа година распишала тендер за набавка на 292 НАДВОРЕШНИ ГУМИ ТУБЕЛЕС произведени по европски стандарди за  градските автобуси, пишува Телма.

Тоа се гуми за украинските и кинеските автобуси. Во  Септември ЈСП ја одбрало фирмата ТДА Трејд  ДОО за набавка на гумите за што треба да плати околу 130 илјади евра. Рокот на испорака 5 дена по склучувањето на договорот.

Ова е склучениот договор меѓу ЈСП и ТДА Трејд  ДОО со датум 21 септември, во член 7 стои дека фирмата треба за 5 дена од склучувањето на договорт да ги достави гумите до јавното претпријатие. Во договорот стои дека ако фирмата не се придржува кон договорот, тогаш ЈСП  може да набави гуми од друга фирма, а разликата во цената да падне на товар на “ТДА Трејд”.

Тоа и се случило, бидејќи тендерот траел дoлго ЈСП склучува нов договор на 10.09 овој пат со Технокомерц – во четири очи заради итност на набавката. Барањето е да се набават гуми за кинеските и украинските автобуси, а бројката е преполовена на само 100 гуми. И во овој договор рокот за испорака е 5 дена. До сега се испорачани само 48 гуми.  Упативме прашања до ЈСП зошто автобусите стојат на паркинзите без гуми. Тие демантираат дека автобусите немаат гуми. Остануваат на тврдењата дека автобусите се целосно нефункционални и притоа демонтирани, а од практична причина нивните употребливи гуми се извадени и по потреба се користат за други, исправни возила.

Ве информираме и потенцираме дека круцијалниот проблем во ЈСП Скопје не е во недостиг на гуми, туку во возниот парк кој е составен од неквалитетни и непрактични автобуси, тешки и комплицирани за соодветно одржување, поради што голем број на возила не се во возна состојба и се на пат кон расходување, соопштија од ЈСП.

Од друга страна нашите информации говорат дека само во гаражата Ѓорче Петров 27 автобуси не возат само затоа што немаат гуми. Годишно овие автобуси трошат околу 700 гуми. ЈСП денеска не ни дозволи да ги снимиме автобусите без гуми  во Автокоманда и Ѓорче Петров. Ни ги доставија овие 4 фотографии на расклопени кинески панорамски  автобуси кои се во ваква состојба затоа што се ваделе делови за други автобуси.

Во меѓувреме жителите на Скопје се возат во автобуси слични на експонатите во музејот на ЈСП во Ѓорче Петров.