Скопје 12. ноември 2018. / 16:15

Со дигитална апликација на десет јазици ќе се развива туристичката понуда на Старата скопска чаршија

Со дигитална апликација на десет јазици ќе се развива туристичката понуда на Старата скопска чаршија

Вкупно 12 организации од земјите од Западен Балкан добија грантови за развој на туристичката понуда во овој регион. Грантовите се доделија се во рамки на рамки на проектот за развој и промоција на туризмот предводен од Советот за регионална соработка (РЦЦ) .

Од Македонија единствен добитник е Институтот за стратешко истражување и едукација со проектoт „Скриените богатства на старата скопска чаршија”. Во рок од седум месеци треба да биде изработена дигитална апликација за чаршијата која ќе биде преведена на десет јазици и ќе им помогне на туристите да го запознаат подобро овој дел од Скопје.

-Во една голема конкуренција добивме финансирање за нашиот проект кој е насочен кон подобрување на економската одржливост на Старата скопска чаршија. Ќе изработиме серија на активности кои што ќе им овозможат на туристите да го запознаат она заборавео богатство на чаршијата и да имаат влијание на локалната економија која што ќе може да ги промовира своите производи- изјави Миша Докмановиќ, од Институтот за стратешко истражување и едукација“.

Оваа година на церемонијата беа доделени 12 од вкупно 30 грантови во вредност од 548 илјади евра.

-Овие грантови, односно проекти, ќе придонесат за проширувања на туристичката понуда во регионот, затоа што ги опфаќаат сите шест економии на Западен Балкан, како во смисла на областа каде што ќе се реализираат, така и на тие што ќе ги спроведуваат. Затоа сметам дека имаме одлична регионална застапеност, поради што сум посебно среќен- изјави генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ.

На свеченоста се обрати и директорката за Западен Балкан во Генералната дирекција на Европската комисија за политиката на соседство и преговори за проширување, Геновева Руиз Калавера која истакна дека туризмот го сметаат за важен двигател на економскиот развој на Европската унија, како и на регионот. Таа додаде дека Западниот Балкан може да ја унапреди оваа област и да развие разновидна туристичка понуда.

-На туризмот гледаме како важен двигател на економскиот рзвој на Европската унија во тој поглед беше одржан и Европскиот ден на туризмот, но и е двигател на развојот на регионот. Здружувајќи се со намера да се развијат и помовираат заеднички туристички производи, Западен Балкан може да ја унапреди и да ја развие понудата за луѓе од регионот, но и на европскиот и поширокиот пазар- изјави Калавера.

Со проектот за развој и промоција на туризмот, кој е финансиран од Европската унија, а имплементиран од страна на РЦЦ, се овозможува унапредување на културолошката и авантуристичката туристичка понуда во шесте економии од Западен Балкан – Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Исто така, се залага за развивање на заедничките регионални туристички рути и производи, подобрување на инфраструктурата и квалитетот на услугите на тие туристички рути и глобално, промовирање на заедничката регионална туристичка понуда.

Планирано е од проектот, кој е вреден пет милиони евра, да бидат одвоени вкупно 1,62 милиони евра за грантови наменети за развој на заеднички регионални туристички патишта и подобрување на квалитетот на услугите и инфраструктурата на истите. Според шемата по која ќе се доделуваат овие грантови ќе има три циклуси од по 10-на грантови секој со вредност од 54 илјади евра неповратни средства.