Поради остар мирис кој го отежнувало дишењето синоќа беа евакуирани жителите од станбениот комплекс во ТЦ „Скопјанка“, во скопската општина Аеродром.
Специјалните единици на АРМ открија дека од купишта пелени со измет и шишиња со урина во одводната канализација во зградата се причината за острата миризба која ги натерала станарите да ги напуштат домовите.
Откако се уверија кој бил проблемот кој создаде паника оние кои живеат во овој станбен комплекс потврдија дека со години наназад имаат проблеми со сопствениците на стан во која живеат 90 годишна мајка и 60 годишна ќерка.
„Во станот живеат мајка и ќерка. Мајката е стара околу 90 години, а ќерката е шеесет годишна. Проблеми со хигиената во нивниот стан имало секогаш, но никој не веруваше дека ќе дојде до ова. Ова не е прв пат Бригадата за противпожарна заштита да интервенира во овој стан. Пред дваесетина години ја викнавме Пожарната оти излегуваше чад од станот, мислевме дека избил пожар. Но кога влегоа, пожарникарите констатираа дека мажот на ќерката кој сега е починат, ставил казан во станот и вари ракија“, велат станари кои живеат во зградата за Сакамдакажам.
Пред евакуацијата во полиција беше пријавено дека некој фрлил непозната материја во еден од влезовите.
По пристигнувањето на пожарникарите командирот на територијалната противпожарна бригада на град Скопје Звонко Томески изјави дека повредени нема.
За поголема сигурност и безбедност беше обезбедена екипа со амбулантно возило. Со станарите до разрешувањето на проблемот беше и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.