Скопје

Скопје за културата ќе црпи искуства од 7 европски града

Скопје за културата ќе црпи искуства од 7 европски града

Заклучно со среда во Скопје ќе се одржат три-дневни активности во рамки на европскиот проект “РОК” – Регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови.

– Проектот “РОК” се фокусира на историските центри во градовите кои ќе ги користи како „теренски лаборатории” на културното наследство и да покаже како тоа може да биде уникатен и моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град. Во рамките на овој проект успешни иницијативи за регенерација на културното наследство ќе се земаат од 7 избрани градови: Атина, Клуж – Напока, Ајндховен, Ливерпул, Лион, Торино и Вилнус. Добрите практики од овие градови ќе се реплицираат и ќе бидат тестирани во 3 “репликатор” градови: Болоња, Лисабон и Скопје – информираат од Град Скопје.

Во овој проект Град Скопје учествува како град-репликатор и притоа треба да преземе дел од добрите практики од избраните градови и истите да ги имплементира.

– Градот Скопје во рамките на овој проект своите активности ќе ги фокусира во старото градско јадро на Скопје, каде што преку имплементирање на голем број креативни методи и алатки од информатичката и комуникациската технологија ќе се работи на негова трансформација во центар на културата, знаењето и технолошкиот развој. Како локации на кои ќе се спроведуваат активностите во рамки на проектот “РОК” се избрани тврдината Кале, Старата скопска чаршија и старото Еврејско маало – велат од Град Скопје.